Научниците со помош на вештачка интелигенција успеаја да го завршат маестралното дело на Бетовен. „Десеттата симфонија“, која композиторот ја започна за време на неговиот живот, но никогаш не успеа да ја заврши, во ноември премиерно ќе биде прикажана во Германија.
Во проектот, кој започна во 2019 година, беа вклучени бројни музички историчари, музиколози, композитори и компјутерски научници. Релевантните податоци со кои тие се служеа вклучуваат нацрти и скици што ги направил Бетовен додека компонирал, пренесуваат странските медиуми.
„Деветтата симфонија“ на Бетовен во д-мол за првпат беше отсвирена во 1824 година во Виена, под диригентство на самиот Бетовен, иако тогаш целосно го имаше изгубено чувството за слух. Симфонијата не само што е една од најубавите музички дела, туку за првпат во симфонија беше користен хор.
Тоа предизвика општ ентузијазам во салата, за што стана свесен и Бетовен, откако се сврте кон публиката по завршувањето на концертот. Присутните скокаа, ракоплескаа и врескаа во неверување. Дотогаш никогаш не се случило такво однесување на публиката за време на изведба на сериозна музика. За следното дело, Десеттата симфонија, беа составени само неколку става, по што тој почина.
Професорот Ахмед Елгамал, компјутерски научник и лидер на проектот, објасни дека неговиот тим на Универзитетот Рутгерс во Њу Џерси користел неколку постоечки ставови од „Десеттата симфонија“ кој ја „научил“ вештачка интелигенција да работи со комплексните информации за целосното „музичко тело“ на Бетовен и креативниот процес.
На тој начин успеаја да ја создадат најуверливата верзија на делото, која, можеби би ја составил и самиот Бетовен, врз основа на неговата сопствена визија и креативност. Работата на вештачката интелигенција започна онаму каде што завршија ставовите на Бетовен, а композиторите кои учествуваа во проектот не можеа да продолжат.
Ова не е првпат да се употреби вештачката интелигенција. Претходно се користеше за да се заврши последната симфонија на Шуберт.