41 диносаурус во природна големина пристигаат во скопската ЗОО

Четириесет и еден диносаурус наредната недела од производителот во Кина ќе пристигнат во скопската Зоолошка градина. Како што информираа од Зоолошката, макетите на диносаурусите ќе бидат во природна големина и ќе бидат монтирани во „Дино-паркот“, чија изградба е при крај во кругот на Зоолошката и е на површина од речиси 2.000 квадратни метри.

Посетителите веќе од средината на септември ќе може да видат тираносаурус, алосаурус, стегосаурус, големи и мали диносауруси, како и мајки со бебиња, кои синхронизирано ќе се движат, ќе трепкаат со очите и ќе дишат, но и ќе испуштаат крици, со цел да се долови како опстојувале овие праисториски животни на нашата планета.

„Дино-паркот“ почна да се гради лани на 10 октомври и тогаш градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, изјави дека ова ќе биде првиот дино-парк на Балканот, во кој ќе има толкав број фигури од праисториски животни, како и едукативни содржини за сите видови животни.

 

 

Средствата за овој проект се од Град Скопје, кој за оваа намена од градската каса издвои 325 илјади евра.

Scroll to Top