80 години од издавањето на „Бели мугри“ на Кочо Рацин

На 25 ноември 1939 година во Самобор, во непосредна близина на Загреб, беше испечатена збирката песни „Бели мугри“ од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин. Таа е трета стихозбирка објавена на македонски јазик по стихозбирките на Венко Марковски „Народни бигори“ и „Огинот“, во 1938 година.

„Бели мугри“ е едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. „Денови“, „Ленка“, „Тутуноберачите“, „Копачите“, „На Струга дуќан да имам“ се само дел од 12. песни напишани на велешки дијалект. Во песните доминираат социјалните и револуционерни теми. Насловот означува ново утро, нов почеток кој го посакувале работниците, аргатите, експлоатираните луѓе. Стихозбирката е создадена под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ на браќата Миладиновци.

Најзаслужен за издавањето на „Бели Мугри“ е познатиот хрватски и југословенски писател Мирослав Крлежа кој го поддржал излегувањето од печат на стихозбирката која не можела да се издаде во Македонија, бидејќи во тоа време таа била во рамки на Кралството Југославија. Поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот Коста Солев, збирката е објавена под псевдонимот К. Рацин, кој поетот го зел заради неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца.

Kоста Апостолов Солев Рацин е роден во Велес на 22 декември 1908  година. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ е едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика. Освен прекарот Рацин, кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зел од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.

Рацин почина во Лопушник, на 13 јуни 1943 година. Сè уште не се разјаснети сите детали околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.

фото: МАНУ

Scroll to Top