Танзанскиот писател Абдулразак Гурна (73) е годинешниот добитник на Нобеловата награда за литература. Нобеловиот комитет истакна дека наградата ја добил поради својот „бескомпромисен и сочувствителен продор во ефектите од колонијализмот и судбината на бегалците во јазот меѓу културите и континентите“.
Гyрна е роден во Занзибар 1948, а од 1960 живее во Англија, каде што работи како професор на Универзитетот во Кент. Почнал да пишува на 21 година додека бил во егзил во Англија и иако неговиот мајчин јазик бил свахили, тој почнал да го користи англискиот.
Тој е автор на десет романи и многубројни раскази. Најчесто во неговите дела е опфатена темата за проблемите со кои се соочуваат бегалците.
Неговиот најпознат роман е „Рајот“ (Paradise), го напиша во 1994 година, каде што раскажува за животот и патешествието на африканско момче, продадено при враќање долг од татко му пред почетокот на Првата светска војна. Последната книга на Гурна, „Животите по смртта“ (Afterlives) од 2020 година, се случува пред крајот на германската колонизација на источна Африка во 1919 година.
Престижната награда ја доделува Шведската академија на науките и се состои од златен медал и 10 милиони шведски круни (над 1,14 милион долари).
Најмладиот лауреат што ја добил оваа награда е англискиот писател, новинар, писател на раскази, поет и романсиер Родјард Киплинг на 41 година, а најстариот е лауреатката Дорис Лесинг на 88 години.