Музичките фестивали Skopje Sounds Good и Skopje Calling, што „Авалон продукција“ ги откажа поради деновите на жалост по пожарот во модуларната болница во Тетово, ќе се одржат на 29 и 30 октомври.
„Нашиот став е дека никогаш не треба да се предадеме и дека ако престане да се свири и пее, престанува и животот. Поради тоа, заедно со нашите спонзори и стратешки партнери, одлучивме двата фестивала да се одржат во форма која е единствено возможна во овој момент“, соопштија организаторите.
Skopje Sounds Good со речиси непроменета листа на изведувачи ќе се одржи на 29 октомври, а ќе настапат Buč Kesidi, Nipplepeople и Funk Shui, а на 30 октомври ќе се одржи македонско издание на Skopje Calling само со домашни диџеи: Galoski, Cyrillic, Chris J и Jana Slayy.
„Со ова не само што ќе имаме можност за добра забава, туку им се дава шанса и на македонските артисти да настапуваат за овој фестивалски бренд“, додаваат од Авалон.
Влезниците ќе бидат пуштени во продажба на 7 октомври во ограничен број. И двата фестивала ќе се одржат согласно актуелните протоколи за одржување јавни настани.