Андре Риу повторно ќе има концерт во Скопје

Светски познатиот холандски виолинист Андре Риу повторно ќе одржи концерт во Скопје во рамки на неговата светска турнеја. Тој на 27 ноември ќе настапи во арената А1.

Публиката ќе има можност да слушне една сосема нова програма исполнета со фантастични филмски мелодии, мјузикли, опера и оперета, како и традиционална музика.

„Јас и мојот оркестар сме многу радосни за повторното гостување во Скопје во рамки на нашата светска турнеја. Концертот во 2019 година беше навистина емотивен и незаборавен, а прекрасната публика нè пречека со огромен ентузијазам. Со нашето враќање во ноември ја прославуваме љубовта, животот и секако, музиката“, рече Риу по најавата за скопскиот концерт.

Андре Риу се наоѓа на првото место на над 30 топ-листи, има 500 Платинум награди и продал повеќе од 40 милиони ЦД и ДВД изданија. Неговите видеа на „Јутуб” надминуваат милијарда прегледи.

Билетите за концертот ќе бидат достапни во продажба од 11 март од 10 часот на www.andrerieu.com , mktickets.mk и на www.karti.com.mk .

Scroll to Top