Книгата „Англиски пациент“ од канадскиот писател Мајкл Ондатје ја освои наградата „Златен Букер“, со што беше прогласена за најдобра книга што ја добила Букеровата награда во изминатите 50 години.
Ова специјално натпреварување се одржа по повод половина век од првото доделување на една од најпрестижните награди во светот на литературата, за да дознаат која книга останала најпопуларна во текот на годините. „Англискиот пациент“ ја освои наградата Букер во 1992 година.
„Почестен сум и многу изненаден што ја примам оваа специјална награда за ‘Англискиот пациент‘, особено имајќи предвид во какво друштво бев. Имам чувство како многу одамна да сум ја напишал оваа книга“, рекол на доделувањето на наградата 74-годишниот Ондатје.
Според оваа книга беше снимен и филм со Ралф Фајнс, Жилијет Бинош, Вилијам Дефо и Кристин Скот Томас во главните улоги. Филмот освои девет Оскари во 1997 година, меѓу кои и наградата за најдобар филм.