Априлијада „Скопје се смее“

Детски културен центар Карпош и Град Скопје денеска, на 1 април, од 11 до 13 часот на плоштадот Македонија организираат детска журка „Априлијада 2018 – Скопје се смее“ за сите градинки, училишта и деца од градот Скопје и од околината.

Во дневниот дел од забавата со маски, принцезите, самовилите, кловновите и сите ликови од цртаните филмови ќе ги забавуваат секцијата за модерен балет и фолклорната секција на ДКЦ „Карпош“, Мина Блажев, „Златно славејче“ и танцови групи од основните училишта од Скопје.

 Ноќната забава ќе почне во 20 часот, а на плоштад Македонија ќе настапат: ВИС Аманет (вокално-инструментален состав), Александар Митевски, Влатко Илиевски, Александар Тарабунов, Трио „Шербет“, Елита Зибериж и Група – „Live Band”, а на крај ќе настапи и диџеј.

Детски културен центар Карпош со конкурси ги повика основните училишта да учествуваат во манифестацијата и да се натпреваруваат за најубава маска и карикатура, за коишто ќе им додели вредни награди и дипломи. Во вечерниот дел од манифестацијата на бината ќе продефилираат учениците од средните училишта со групни маски, а учесниците во најдобрата групна маска ќе добијат и вредна награда.

Scroll to Top