Берлинските диџеи бараат техното да се зачува како културно наследство под УНЕСКО, пренесува „Гардијан“. Изведувачите зад фестивалот „Љубовна парада“, како и претставниците од најголемите клубови на Берлин, веруваат дека поддршката од Обединетите нации е важна за зачувување на иднината на овој андерграунд жанр.
По паѓањето на Берлинскиот ѕид, како и цутот на техното во Детроит во средината на 80-те години, Берлинците го присвоија музичкиот жанр како совршена музика за сплотување. Напуштените бункери, електроцентрали и фабрики во источниот дел од градот беа преплавени со рејвери кои ја славеа слободата.
Но, коронавирусот и гентрификацијата се ризици за преживувањето на слободниот, дивиот и креативен Берлин, според Алан Олдхем, детроитскиот диџеј кој бил дел од колективот „Андерграунд отпор“.
„Заштитата од УНЕСКО многу ќе помогне во зачувањето на стариот дух. Легендарните локали како „Трезор“ или „Бергхаин“ на пример, ќе бидат заштитени како културни обележја“, додал тој.
Димитри Хегеман, основачот на „Трезор“ е уште еден поддржувач на каузата.
„По падот на Берлинскиот ѕид, техното го трансформираше Берлин. Источните деца го сакаа, западните деца го сакаа и со техното тие се спојуваа. Тоа беше шанса да се проба нешто ново, како кога по Втората светска војна во Париз, Мајлс Дејвис се претстави со џез. Во 1989, 1900, луѓето од Полска доаѓаа тука, но не знаеа англиски. Новата генерација на детроитското техно немаше зборови. Немаше глупави пораки, само музика за танцување“, вели Хегеман.