Биографски филмови за музичари

Филмското студио во Холивуд во план е да сними филмови за Елвис Присли, Боб Дилан, Мајкл Џексон и многу други поп-ѕвезди.

Додека ги чекаме овие остварувања, редно е да се осврнеме на некои од најуспешните биографски филмови за музичарите што излегоа во последните неколку децении. Во продолжение следуваат некои од нив.

Love & Mercy (2014)

Во фокусот на овој филм е Брајан Вилсон, лидерот на групата „Бич бојс“. Дејството во филмот се случува во два временски периода, во текот на шеесеттите, кога овој бенд го сними својот најдобар албум Pet Sounds, и во текот на осумдесеттите кога Вилсон имаше огромни проблеми со своето ментално здравје. Младиот Вилсон го толкува Пол Дејно, а стариот Џон Кјузак.

Walk the Line (2005)

Хоакин Финикс го толкува Џони Кеш во доста успешниот филн за популарниот изведувач на кантри-музика. Неговата жена Џун Картер ја толкува Рис Витерспун, која за оваа улога беше наградена со „Оскар“. Филмот прикажува доста релевантни моменти од првата фаза од кариерата на популарниот пејач, познат како „човекот во црно“, но и неговата борба со зависноста од алкохол и дрога во средината на шеесеттите.

Control (2007)

„Контрола“ претставува биографски филм за Јан Кертис, фронтменот на влијателната група „Џој дивижн“. Сценариото на филмот е напишано врз база на мемоарите на Дебра Кертис, жената на Јан, која со него била во врска од 1973 до 1980, кога тогаш 23-годишниот пејач извршил самоубиство. „Контрола“ се осврнува на важни моменти од животот на талентираниот музичар вклучувајќи го и настанувањето на групата „Џој дивижн“, неговата борба со епилепсијата, но и неговото неверство со белгиската новинарка Аник Оноре.

Nowhere Boy (2009)

Тешко е да се направи добар филм за „Битлси“, кој е посветен на сите фази од нивните кариери. За тоа бил свесен и Сем Тејлор-Џонсон, режисерот на остварувањето на филмот Nowhere Boy, поради што одлучил приказната на неговиот филм да се фокусира само на младиот Џон Ленон и неговиот однос со неговите тетка и мајка и со младиот Пол Макартни. Ленон во овој филм го толкува Арон Телјор-Џонсон.

Get On Up (2014)

Покојниот Џедвик Боузмен една од своите најдобри улоги ја оствари токму во овој филм, каде што го играше Џејмс Браун. Во прашање е доста интересен биографски филм за кумот на соул-музиката, кој прикажува од каде тој потекнува, како ги направил првите чекори во светот на музиката, што го инспирирало да го промени својот звук, а така и звукот на целокупната популарна музика, како и неговите помалку славни моменти, поради што некогаш бил во проблеми со законот.

 

Scroll to Top