Околу 50 милиони црвени ракови ја почнаа својата годишна миграција од џунглата до брегот на националниот парк во Западна Австралија за да се мрестат. Тие ги прекрија патиштата и мостовите на Божиќниот Остров и го обоија островот во црвено. Се смета дека ова е една од најголемите миграции на животни на светот.
Посебни служби на островот со месеци се подготвуваат за оваа миграција, градат специјални мостови и привремени огради за да ги насочуваат крабите кон крајната дестинација.
„Миграција од ваков обем не сме виделе од 2005 година. Нашите тимови вложија многу напор за да се овозможи безбедно патување на крабите до заливот“, вели за медиумите Тања Дето, координаторка на програмата.
Миграцијата почнува со првите врнежи во влажната сезона, која се случува во октомври или ноември. По неколку врнежливи денови, машките краби ги напуштаат своите домови и се упатуваат кон плажата, земајќи женки попат. Точните тајминг и брзина на миграцијата се одредени од фазата на Месечината, при што мрестењето треба да се случи на 29 или 30 ноември. Секоја женка ќе ослободи околу 100.000 јајца во Индискиот Океан во период од пет-шест ноќи. Еден месец подоцна, малите краби излегуваат на брегот и тргнуваат кон тропските шуми на островот, иако најголем дел од ларвите ги јадат морските животни.