Бразил гради статуа на Исус повисока од онаа во Рио

Во градот Енкантадо во Бразил се гради нова статуа на Исус Христос, која ќе биде повисока од статуата што се наоѓа во Рио. Новата статуа ќе биде висока 43 метри сосе пиедесталот, и ќе стане трета највисока статуа на Исус во светот.

Статуата почна да се гради пред две години, а минатата недела беа поставени главата и испружените раце. Должината од едната до другата рака ќе изнесува 36 метри, ќе има затворен лифт и набљудувачка тераса кон врвот.

Идејата за статуата ја предложи локалниот политичар Адроалдо Концати, кој почина во март од Ковид-19.

„Ова е ден за празнување, за посветеност“, изјави Гилсон Концати, локален советник и син на Адроалдо Концати.

Проектот чини 350.000 долари и треба да биде завршен до крајот на оваа година. Тој е целосно финансиран од донации.

Енкантадо, град со 22.000 жители, се наоѓа на 145 километри северозападно од главниот град на државата Порто Алегре. Проектот има цел да инспирира вера и да го промовира туризмот во областа, тврдат неговите организатори.

Повисоки статуи на Исус имаат изградено Индонезија (52,55 метра) и Полска (52,5), а легендарната „Исус Спасителот“ во Рио е висока 38 метри вклучувајќи ја и платформата, а растојанието од рака до рака е 28 метри. Годинава во октомври ќе се одбележат 90 години од нејзината изградба.

 

Scroll to Top