Бродот на Тито, „Галеб“, ќе стане музеј

Бродот за морнаричка обука „Галеб“ на претседателот на СФР Југославија, Јосип Броз Тито, набргу ќе стане музеј. Тој вчера од хрватското бродоградилиште „Далмонт“ пристигна во бродоградилиштето „Виктор Ленац“ во Ријека. Тука бродот ќе биде исчистен и реставриран, а по еден месец, кога ќе заврши обновата, ќе биде претворен во брод-музеј.

На бродот „Галеб“, Тито примал високи гости и пловел при посети на други земји. Тој го користел бродот од 1948 година до неговата смрт во 1980 година, а по распадот на Југославија, „Галеб“ стана сопственост на Црна Гора. Тогаш беше продаден на грчки сопственик на брод, но остана врзан на бродоградилиштето „Виктор Ленац“ во близина на Ријека. Хрватските власти решија да го сочуваат бродот и да стане музеј, но во 2008 година делумно потона поради протекување на трупот.

Потоа, во 2009 година „Галеб“ беше продаден на Градот Риека за 150.000 американски долари. Оттогаш повремено се користи за уметнички изложби и конференции. Во 2014 година градоначалникот на Ријека најави дека „Галеб“ ќе се изнајмува, делумно како музеј, чии главни атракции се кабината и просторијата за мотори на Тито, а делумно и за комерцијални активности – ресторан и бар.

Инаку, со реставрацијата подводниот дел од бродот ќе биде исчистен во бродоградилиштето, преостанатата течност ќе биде ослободена од резервоарите и ќе се отстрани и талогот од нив. Потоа, бродоградежниците ќе ги заменат челичните плочи на надворешниот труп на бродот, ќе го исчистат кормилото, ќе ги расклопат и ќе ги организираат прицврстувачите, ќе ги заштитат од корозија. Претходно е поправена надградбата на бродот, како и дрвената облога во внатрешноста, мебелот и вратите.

Реновирањето и претворањето на „Галеб“ во брод-музеј е дел од проектот „Туристичка валоризација на репрезентативни споменици на индустриското наследство на Ријека“ за што Градот Ријека доби 9,16 милиони евра од Европскиот фонд за регионален развој.

Scroll to Top