Човек запре ширење на пустината

Јакуба Савадого (70) од Буркина Фасо е еден од најважните луѓе во светот, веројатно поважен и од многу државници, но никој не го познава. Тој пронашол решение за еден проблем во кој сите експерти на светот расправаат со децении без никаков резултат. Савадого не е научник, ниту политички лидер, туку најобичен селанец кој во супсахарската зона во Африка 30 години го спречува ширењето на пустината.

Како?

Многу едноставно. Со мотика во раката користејќи милениумски стар метод на обработување на земјата.

Копа дупки во низа, ги полни со хумус од козји измет, лисја и дрвен јаглен и на тој начин ги привлекува сите оние бубачки што ја одржуваат плодноста на земјата. Неговата приказна за успехот, храброста, трпеливоста и интуицијата станаа мотив за изработка на голем број документарци направени во Би-би-си со име The man who stopped the Desert.

Ширењето на пустината претставувало закана за неговото село. Немало вода, животните умирале, а луѓето си заминувале од него. Денес ситуацијата е поинаква, селцето станало гостољубиво и во него сега лесно е да се занимава човек со земјоделство.

Кога имал 25 години, во 1974 година, Јакуба го напуштил својот бизнис и се вратил во селото. Неговата цел била да се бори против пустината. На почетокот луѓето говореле дека Јакуба бил луд. Но, дури и да е луд, ваквото лудило им одговара на многумина. Тој успеал да ја оживее шумата и да го подобри квалитетот на земјата.

Тој ја оживеал древната африканска техника наречена заи, која е многу едноставна и малку чини. Користејќи лопата или секира, тој копа мали дупки во тврдата земја и во нив фрла ѓубриво, а потоа фрла ембриони од растенија, житни зрна и печурки. Дупките задржуваат вода за време на дождовните сезони, па за време на сушата има доста влага.

Според правилата што ги наметнува заи, Јакуба ја подготвува земјата за време на сушната сезона, токму спротивно во однос на локалната пракса.

 

 

Scroll to Top