Деветгодишниот Лорен Симонс од Белгија, кој требаше да стане најмладиот универзитетски дипломец во светот, го прекинал студирањето на холандскиот универзитет во Ајндховен.
Како причина за ваквиот прекин, семејството го навело спорот околу можниот датум на дипломирање, пишуваат тамошните медиуми. Лоренс Симонс требаше да дипломира електротехника на Универзитетот во Ајндховен пред крајот на оваа година и беше на добар пат да стане првиот дипломец помлад од 10 години, пишува „Ројтерс“.
Во понеделникот од Универзитетот изјавиле дека планот за дипломирање е неизводлив, поради големиот број на испити кои Лоренс требало да ги положи пред неговиот роденден на 26 декември годинава.
„Лорен е исклучително талетнирано момче, кое своите студии ги поминува со невидено темпо, но првичниот план за дипломирање е нереален и недостижен“, велат од Универзитетот.
Од таму навеле дека му понудиле феноменална брза шема, според која тој требало да заврши со образованието на средината на 2020 година. Сепак неговите родители одлучиле да не ја прифатат понудата и веднаш ги прекинале неговите студии.
„Сè до минатата недела, работите беа во најдобар ред, а сега оддеднаш сè се одложува за шест месеци“, изјавил Александер Симонс, таткото на Лоренс за „Ројтерс“.
Точниот датум за дипломирањето на Лорен никогаш не бил проблем за семејството, објаснил Александер и додал дека работите се комплицирале затоа што сакале нивниот син, своето образование да го продолжи во странство.
„Целата работа е многу чудна и се случува во период кога планиравме Лорен докторатот да го продолжи на друг Универзитет. Голем број на Универзитети во светот се заинтересирани за нашиот син и ни пренесоа дека би им било чест тој да им се придружи“, вели Александер.
Инспириран од српскиот научник Никола Тесла, Лорен изјавил дека сака да истражува во областа на медицината и вештачките органи. Момчето вели дека негова желба е еден ден да има сопствена лабораторија каде ќе може да развие вештачко тело.
Во моментов според Гинесовата книга на рекорди, најмладата личност која стекнала диплома од факултет е Американецот Мајкл Карнеј, кој дипломирал во јуни 1994 година, на 10 години и четири месеци.