Девојчето кое го преживеа масакрот во Манчестер поканета на свадбата на Хари и Меган

На претстојната венчавка на британскиот принц Хари и неговата избраничка Меган Маркл повикана е и Амелија Томпсон, девојчето кое минатата година го преживеа терористичкиот напад на поп-концертот во Манчестер.

Кога мајка ѝ ѝ соопштила дека ја добила поканата, Амелија (12) прво помислила дека станува збор за шега, пренесува „Ројтерс“.

„Не знаев што да кажам, останав без текст. Помислив дека некој се шегува со мене. Дури подоцна, кога ги дознав деталите, сфатив дека навистина сум поканета“, вели девојчето.

Минатиот месец принцот Хари, петтиот во редот за британскиот трон, и актерката Маркл најавија дека се поканети 1200 јавни личности во Виндзорската палата, резиденцијата на кралицата Елизабета западно од Лондон, каде што ќе се венчаат на 19 мај. Меѓу поканетите се и младите кои покажале лидерски дух или служеле во својата заедница.

Мајката на Амелија Томпсон, Лиза Њутон, вели дека нејзината ќерка ја кандидирала да биде гостин на кралската венчавка. Амелија минатата година во мај се најде во публиката на концертот на пејачката Аријана Гранде кога бомбаш самоубиец влета во арената „Манчестер“ во северна Англија.

Напаѓачот во тој момент усмрти 22 лица, меѓу кои седум деца, додека 500 лица беа ранети.

„Таа има многу поминато од тој ден наваму. По Манчестер, навистина беше тешко. Ја номинирав Амелија за да биде меѓу гостите, па потоа добив порака на е-пошта и не можев да поверувам. На почетокот и Амелија мислеше дека е шега“, вели нејзината мајка, која исто така добила покана, но ѝ ја отстапила на една жена чија ќерка била убиена во нападот на концертот.

Тоа, како што Лиза Њутон појаснила, било желба на Амелија затоа што со ваквиот потег ќе биде усреќено уште едно семејство.

 

Scroll to Top