Џиновска санта мраз плови кон село на Гренланд, населението евакуирано

Огромна санта мраз се движи кон селото Инаршуит во западниот дел на Гренланд, поради што властите наредиле евакуација на населението, во случај големото парче мраз да ги зафати домовите. Властите велат дека никогаш порано не виделе таков голем леден брег.

Жители на селото кои живеат најблиску до ледениот брег уште вчера се преселиле, соопшти данската новинска агенција „Рицау“.

„Има пукнатини и дупки поради што стравуваме дека мразот би можел да надојде во секое време“, изјавил член на селскиот совет за локалниот весник „Сермицјак“.

Некои експерти предупредуваат дека екстремните настани со огромни ледени брегови би можеле да станат почести поради климатските промени. Ова за возврат го зголемува ризикот од цунами.

Во јуни научниците од Универзитетот во Њујорк објавија видеоснимки од масовен леден брег што се оддалечува од глечерот во источниот дел на Гренланд. Лани, четири лица загинаа откако по земјотресот бранови поплавија куќи во северозападниот дел на Гренланд.

Scroll to Top