Џулијан Асанж доби дозвола да се ожени во затворот

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, доби дозвола да се ожени со својата партнерка Стела Морис во затворот „Белмарш“, пренесе Би-би-си. Тие имаат две деца за кои Стела неодамна рече дека се зачнати додека живееле во Амбасадата на Еквадор во Лондон.

Затворската служба на „Белмарш“ соопшти дека началникот на затворот го испитал барањето за венчавка на Асанж на вообичаен начин. Затворениците имаат право да аплицираат за брак во затвор според Законот за бракот од 1983 година и кога ќе бидат одобрени барањата, тие мора да ги покријат сите трошоци за склучување на бракот.

Лани во интервју за „Мејл он сандеј“, Стела, која е родена во Јужна Африка, откри дека е во врска со Асанж од 2015 година и дека сама се грижи за двата сина. Таа рече и дека Асанж го гледал раѓањето на децата преку видеоврска, а тие неколкупати го посетиле татко им во Амбасадата на Еквадор во Лондон.

Асанж е во затворот „Белмарш“ од 2019 година кога полицијата го изнесе од Амбасадата на Еквадор и го уапси поради кршење на условите за ослободување со кауција.

Scroll to Top