Џузепе Патерно дипломира на 97 години и сака да продолжи да студира

97-годишниот Џузепе Патерно стана најстариот Италијанец кој дипломирал, па по тој повод на Универзитетот во Палермо се одржа свеченост на која му беше врачен и Ловоров венец. На свеченоста ја доби дипломата за завршени студии по историја и филозофија. Со него беа и неговите деца, внуци и правнуци.

„Учи и никогаш не се откажувај“, порача Патерно кој сега има намера да продолжи со постдипломски студии и да ги заврши пред да наполни 100 години.

Џузепе е роден 1923 година во сиромашно семејство, па цел живот приоритет му била работата, а не студирањето. Во младоста работел како доставувач, а потоа и во пивара. На 31 година станал геодет, а се пензионирал како работник во железницата.

Пензионерскиот живот му дал многу слободно време кое Џузепе го искористил во читање книги и за својата голема страст – историјата. Во 2017, кога имал 94 години, тој одлучил да се запише на студии по историја.

Неговата академска кариера била успешна и студиите ги завршил со високи оценки.

Scroll to Top