Двајца средношколци од Неготино биле оставени сами на себе во Италија, оти директорката на гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ не сакала да ги почека да завршат со појадокот, пишува „Лидер“. Таа заедно со нивните професори и соученици ја продолжила екскурзијата во Франција.
Порталот пишува дека двајцата ученици ѝ јавиле на класната раководителка дека појадуваат и дека ќе дојдат за десет минути. Професорите наводно не можеле да му се спротивстават на сопственикот на туристичката агенција кој не сакал да почека, оти бил пријател на директорката. Тој на професорите им рекол дека не може сите да чекаат само две деца и дека ќе се вратат по нив по 15 часа откако ќе си дојдат од Франција, пишува порталот. Според неколку ученици, кои дале изјави за порталот, сопственикот на агенцијата рекол дека децата може да преспијат во истиот хотел.
Оставените учениците откако не ги нашле автобусите на паркингот, во паника се јавиле кај родителите. Родителите се обиделе да ја добијат директорката или сопственикот на агенцијата, но тие ги игнорирале нивните повици. Директорката и луѓето од агенцијата наводно им се заканиле на учениците да молчат и да се однесуваат како ништо да не се случило.
Според дел од учениците, хотелското сместување било многу полошо од тоа за што било платено. Автобусите со кои патувале немале греење, а голем дел од програмата за која биле дадена пари не била остварена. Родителите бараат директорката да поднесе целосна одговорност за настанот.