Директорката што ги оставила децата во Италија била блиска со газдата на агенцијата

Менча Зафирова е в.д. директорката на гимназијата „Св.Кирил и Методиј“ од Неготино, која оставила двајца средношколци сами во Италија, пишува „Лидер“, повикувајќи се на родителите на малолетните деца.  Таа ја продолжила екскурзијата кон Франција без нив.

Родителите на социјалните мрежи пишуваат дека туристичката агенција „Балкан турист“ од Кавадарци нечесно го добила тендерот за екскурзијата низ Европа. Тие на фејсбук обвинуваат дека директорката била блиска со сопственикот на агенцијата и дека затоа и таа отишла на екскурзијата со нив.

„Според кажувањата на дел од професорите, децата спиеле и поради тоа што биле ‘проблематични ученици’ ги оставиле во хотелот!?!? Во автобусите настанал метеж, викотници. И замислете, шоферот и сопственикот на ТА „Балкан турист“ од Кавадарци, кои ја организираат екскурзијата, викаат по професорите дека не можат да ги чекаат децата и дека мораат да тргнат. За жал, професорите не можат да се спротивстават ниту на шоферот, ниту, пак, на сопственикот затоа што сопственикот ѝ е школски другар на директорката (можеби и тоа е причината за нејзиното заминување на екскурзијата заедно со дефектологот којшто претходните две недели е на боледување и уште невратена на работа заминува на екскурзија), а шоферот е сопруг на претседателката на училишниот одбор во СОУ ‘Св.Кирил и Методиј’ Неготино“, пишува на фејсбук-страницата Неготино-информации-случувања.

Родителите на интернет напишале дека по скандалот, децата добиле закани да не кажуваат ништо во јавност.

„Се обидовме да дојдеме до некоја информација од класните раководители, од професорите, како и од учениците, ама молк. Никој ништо не коментира како ништо да не се случило. Само похрабрите ученици, до кои не успеале да допрат заканувањата и замолкнувањата од страна на раководните лица, кажаа по нешто за настанот“, стои напишано на фејсбук-страницата Неготино-Информации-Случувања.

Родителите додале дека од училиштето нема никаква официјална информација за настанот.

Scroll to Top