После година и пол, бронѕената клупа на легендарниот драматург Горан Стефановски конечно е поставена во скопско Дебар Маало. Клупата е поставена во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“, на истото место каде што пред две години беше засаден и чинар во негова чест.
Поставувањето беше одложено поради пандемијата со Ковид-19, иако беше планирано да биде пристигне од Лондон лани за неговиот роденден.
„Конечно, после една година изработка, долги ковид-месеци во склад, и неколку недели во кутија, сабајлево бронзениот Горан го виде небото над Дебар Маало! За жал, поради новите мерки, нема да има јавен настан за отворањето. Но, сигурно така и требало да биде, бидејќи Горан секогаш се враќаше во Скопје тивко и ненајавено – едноставно си сакаше да се појави (всушност, никогаш не се сметаше за отсутен). Горан би требало да биде поставен на своето место, каде ќе ве чека за седенка и муабет. Кога ќе бидете во можност, отидете да го поздравите. Добредојде дома, стари! Едвај чекам да седнам со тебе пак“, напиша на Фејсбук, неговиот син Игор Стефановски.
Академик Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 во Битола , а почина на 27 ноември 2018 на 66 години по кусо боледување во Кентербери, Англија, каде што живееше. Тој е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“.
Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ лани изјави дека парите потребни за лиење на клупата во Лондон, општината ги обезбедила преку донации и дека се префрлени на сметката на неговото семејство.