Поранешниот претседател на САД Доналд Трамп повеќе нема да може да има профил на „Твитер“, изјавил Нед Сегал, финансискиот директор на оваа компанија.
Тој ќе остане без свој профил дури и ако одлучи повторно да се кандидира за претседател, објаснил Сегал.
„Вака функционираат нашите правила. Кога еднаш ќе бидете отстранети од нашата платформа, отстранети сте, без разлика дали сте коментатор, директор или поранешно или сегашно официјално лице“, изјавил Сегал за CNBC-мрежата.
Тој навел дека правилата се направени за да ги поттикнат луѓето да не прават и поддржуваат насилство. Во спротивно, „Твитер“ ги брише и никогаш повеќе нема да можат да се вратат назад.
На поранешниот претседател на почетокот на година трајно му беше блокиран профилот, по упадот на неговите приврзаници во зградата на Конгресот, кој се случи на 6 јануари.