7 јуни 1993 година се смета за најцрниот ден во кошаркарската историја на Балканот. На денешен ден пред точно 25 години животот трагично го изгуби еден од најголемите кошаркари на светот, Дражен Петровиќ.
Наместо да се качи во авионот со остатокот од репрезентативците на Хрватска, Петровиќ реши да се врати од Германија со автомобил. Кошаркарскиот Моцарт со автомобил „голф 2“, управуван од страна на неговата девојка, загина во директен судир со камион во Германија.
Дражен кариерата ја почна во „Шибенка“, па прејде во „Цибона“. Продолжи во „Реал Мадрид“, од каде што отиде во НБА во тимот на „Портланд“. Последен негов клуб беше „Њу Џерси“.
Има многу медали во репрезентативните и клупските натпреварувања.
Официјално е прогласен за најдобар европски кошаркар на сите времиња.
Ќе остане запаметен како најталентиран европски играч, кој, за жал, својот голем потенцијал не можеше докрај да го покаже поради трагичната и прерана смрт.
Подобро да умрев: Исповед на девојката што беше со Дражен Петровиќ
Хилал Едебал, девојката што ја преживеала трагичната несреќа, нема ден а да не посака таа да загинела на местото на Дражен. Таа била третата патничка во црвениот „голф“, кој се забил во цистерната. Тогаш 23-годишната Едебал била втората сопатничка на Дражен, покрај Клара Шаланти, тогашната девојка на 28-годишниот хрватски кошаркар, која управувала со возилото.
Ниту таа самата не знаела дека била во автомобилот со можеби најдобриот европски кошаркар во историјата. Судирот ѝ оставил трајни последици на мозокот предизвикувајќи амнезија поради која има големи дупки во сеќавањето, нервни удари и проблеми во однесувањето.
- Зошто Петровиќ, човек со таков статус и богатство, морал да патува од Германија во Загреб со автомобил, а не со авион? Зошто баш јас морав тогаш да бидам во Германија – се некои од прашањата што со години ја мачеле сега 47-годишната Едебал.
Едебал одела и на терапии и долго време минувала на заздравување на својата психичка состојба.
- Ми беше доста тешко. Долго време бев на терапии. Во потполност го загубив памтењето. Не препознавав ништо во Минхен, градот во кој израснав. Како и да отидев, родителите мораа да ме враќаат назад“, вели таа.
Колку ѝ било тешко покажува и обидот за самоубиство. Нејзините родители доживеале доста потресна ситуација кога Едебал се обидела да се убие. Сакала до скокне од 17. кат во текот на рехабилитацијата.
- Не планирав да скокнам за да се убијам. Сакав да се разбудам од сонот. Мислев дека кога ќе скокнам, ќе престанам да го сонувам овој ноќен кошмар“, изјавила Едебал.