Осман Зереј од Турција конечно го најде својот син по 36 години. Тој последен пат го виде син му во 1985 година во Италија, пред да биде депортиран, бидејќи државата не му даде можност да го земе со себе, пренесуваат тамошните медиуми.
Зереј во 1979 година замина во Милано, каде што запозна Италијанка, со која подоцна се ожени. Тие добија син, но две години по неговото раѓање, му истече работата дозвола на Зереј, по што тој беше депортиран назад во Турција.
Неговиот син Салваторе Наполи порасна без татко во Италија, но беше запознаен со целата ситуација. Тој почна активно да го бара својот татко по смртта на неговата мајка, иако знаеше само како се вика и изгледа според единствената фотографијата што ја имаше од него. Преку социјалните мрежи комуницираше со своите пријатели, но и со луѓе од Турција, па така наиде на човек за кој подоцна се покажа дека е негов полубрат, син на Осман Зереј од друг брак. Кратко потоа, Наполи организираше посета и замина во Турција, конечно да го запознае татко си.
Осман Зереј, наводно, живее во регионот на северот на Турција, поточно во градот Фаци. Кога Наполи конечно пристигна на тоа место, првата средба на татко и син по 36 години помина доста емотивна и за двајцата.
„Пресреќен сум што се запознавме по 36 години. Никогаш не се откажав да го барам, но немав успех. Никогаш повеќе нема да го оставам. Имам син и две ќерки, а сега ми се врати и другиот син“, рече Зереј по средбата.
Од друга страна, Наполи по средбата рече дека неговата мајка никогаш не му раскажала многу за неговиот татко.
„Единствено што знаев беше дека е Турчин. Мило ми е што го најдов после толку години. Морам да се вратам во Италија, но дефинитивно тука ќе се враќам почесто“, додаде Наполи.