„Фејсбук“ им давал на технолошки гиганти приватни податоци од корисниците

„Фејсбук“ потпишал договор за делење на податоците за корисниците од барем 60 компании, меѓу кои и „Епл“, „Амазон“, „Самсунг“ и „Мајкрософт“!

Без изречна дозвола на корисниците, производителите на уредите имале пристап до информациите за пријателите на корисниците, дури и по ветувањето на „Фејсбук“ дека нема да ги споделува тие податоци, пишува „Њујорк тајмс“.

Основачот на „Фејсбук“, Марк Цукерберг, сведочел за тоа во американскиот Конгрес во април кога избил скандалот со британската фирма „Кембриџ аналитика“, од каде што излегла информација дека фирмата во разни политички кампања користела податоци на 87 милиони корисници на „Фејсбук“.

Од аспект на приватноста, делењето податоци стана проблематично веќе во 2012 година. Две години подоцна „Фејсбук“ почна да ја укинува праксата на програмерите им се дава на увид информацијата за пријателите на корисниците (имињата, датумот на раѓање, политичките верски ставови). Сега „Тајмс“ пишува дека повеќето од тие договори и понатаму се во сила.

„Шокира што оваа пракса се спроведува и шест години подоцна, а се чини дека е контрадикторно сведочењето на ‘Фејсбук’ во Конгресот, каде што е соопштено дека делењето на податоците за пријателите е оневозможено“, вели Сенди Паракилас, која уште тогаш работела во одделението за согласување на правните норми во „Фејсбук“.

„Фејсбук“ реагирал на пишувањата на „Њујорк тајмс“, каде што признал дека се потпишани договори за давањето пристап до информации со 60 компании, вклучувајќи ги „Амазон“, „Епл“, „Блекбери“, ХТЦ, „Мајкрософт“ и „Самсунг“, но дека не давале податоци за пријателите на корисниците без дозвола. Наводно, намерите им биле добри за корисниците на „Фејсбук“ да имаат пристап до мрежата пред да настане трговија со апликациски продавници и стандардизирани оперативни системи. Навеле дека нема информации дека дошло до каква било злоупотреба.

 

 

Scroll to Top