Најмалото бебе што годинава се роди во Македонија, Бехра, денес си замина во својот дом во велешкото село. Кога се роди, Бехра имаше само 665 грама и беше долга 30 сантиметри.
„Не може да се опише радоста на нејзините родители кои дојдоа да го земат своето првенче. На Бехра ѝ посакувам многу здравје, безгрижни детски денови исполнети со многу љубов и среќа“, напиша Венко Филипче, кој ја сподели веста.
„Бехра е родена на 8 октомври, предвремено во 29. гестациска недела. Мајката, која е прворотка, беше хоспитализирана три дена пред да се породи со неа. Таа беше подложна на предродилен мониторинг и третман. Бременоста ѝ беше оптоварена со повеќе ризици, вклучувајќи го слабиот раст и развој на фетусот, односно на плодот во утробата на мајката“, соопштуваат од Министерството за здравство.
Тие додаваат дека бебето е родено како високоризичен пациент. Во текот на престојот Бехра имала комплексен третман, а поради проблеми со дишењето, била и на механичка вентилација.