(Фото) Тињата што го прекри Мраморното Море се заканува да се прошири на Егејското и Црното море и да стане еколошка катастрофа

Во Мраморното Море се шири густа, лига тиња, која може да се претвори во регионална еколошка катастрофа, предупредуваат експертите. Мраморното Море ги поврзува Егејското и Црното Море, а сивата слуз која го покрила крајбрежјето на Истанбул, станува преопасна за морскиот живот.

Турските биолози велат дека тињата се раширила и на други поголеми урбани центри околу Мраморното Море во почетокот на мај. Ова цутење на микроскопски алги го задушува морскиот живот, велат тие.

„Само е прашање на време кога оваа слуз ќе се прошири на Егејското и Црното Море“, вели хидробиологот Левент Артуз.

Артуз со 20 експерти ја следат ситуацијата на уште 450 локалции околу Мраморното Море. Тие ја набљудуваат ситуацијата од почетокот на годината, пред лепливата супстанца да се прошири на поголемиот дел од морската површина.

 „Оваа катастрофа предизвикана од човекот се најавуваше со децении, а се влоши со неконтролираното исфрлување на индустрискиот и станбениот отпад во водите, што неповратно го наруши екосистемот на Мраморното Море. Ова може да стане меѓународен проблем, зашто супстанцата може брзо да се прошири“, вели Артуз.

Слузта драстично ја намалила разновидноста на риби во Мраморното Море за само една година.

„Бројот на видови во една станица падна од 200 на 20 минатата година, 60% од видовите се исчезнати“, додаде Артуз.

Ова е најлошата ситуација од 1954 година, кога биолозите првпат почнале да го проучуваат регионот.

Scroll to Top