Французин дизајнира луксузен стаклен воз со 14 вагони

Францускиот дизајнер Тиери Гоген се потпишува на дизајнот на спектакуларниот луксузен стаклен воз што набргу ќе стане реалност.
Гоген е познат по својата работа на суперјахти вклучувајќи ја и јахтата „Венера“, долга 80 метри, која му припаѓаше на легендарниот визионер Стив Џобс. Овој пат неговиот фокус беше насочен кон концептот на луксузен воз со проѕирни ѕидови, а својот проект го именува како „Џи-трејн“.
Опишан како палата на тркала, возот ќе биде долг 400 метри и ќе се состои од 14 вагони. Секој од нив ќе биде како посебна просторија во голема палата и ќе содржи сè, од просторија за прием во центарот, простор за одморање, за забава и за дружење, до салон. Крилата на возот може да се трансформираат во тераси, а тајната градина ќе биде наменета за релаксирање на гостите.
Надворешноста на возот ќе биде изработена од стакло, односно технологија што ќе ја контролира провидноста. Стаклената површина во ентериерот ќе може да служи како екран, односно да го проектира посакуваниот пејзаж или амбиент.

Големата брзина не е во фокусот, туку забавното и пријатно патување. Гоген вели дека возот е наменет за индивидуален клиент, а не за компанија. Целиот проект чини 350 милиони долари, а за производство ќе бидат потребни две и пол години. Возот ќе има доволно простор за да спијат околу 18 гости во него, но во случај на приеми и забави, ќе може да се сместат многу повеќе луѓе. Ќе биде направен за железниците во Европа и во САД и ќе може да се движи со брзина до 160 километри на час.
Во процесот на производство ќе бидат вклучени разни експерти вклучувајќи ги и швајцарскиот производител на возови „Штадлер“, производителот на стакло „Сен-Гобејн“ и британската инженерска фирма „Еклерсли О’Калаган“. Возовите придонесуваат за помали емисии во споредба со другите начини на транспорт, а Гоген се надева дека неговиот воз ќе означи почеток на нов тренд на релативно одржлив луксуз.

 

 

Scroll to Top