Фризерка од Прилеп ѝ направи портрет од коса и на Лила

Светлана Зуљамоска-Гроздановска од Прилеп, по професија фризерка и шминкерка, веќе неколку години изработува портрети од коса. Ги прави навечер, кога ќе ѝ заврши работното време, а следното утро ги растура пред да дојдат првите муштерии. Таа прави портрети од познати личности, па по Кире Лазаров и Игор Џамбазов, направи портрет и од Лила. Гледа во нивните слики, па со косата што останува на земјата откако ќе ги потстриже муштериите во салонот, го прави ликот.

„Многу е лесно да дојдете на идеја да направите нешто уникатно ако го сакате тоа што го работите. Јас се инспирирав од сопствената работа, што ја обожавам и ми е секојдневие. Најпрво дојдов на идеја да изработувам ликови од коса, а денес сликам и со шминки“, раскажа неодамна таа за „Репортер“.

Светлана вели дека ликовите ги прави од потстрижената коса на муштериите, а со истата коса ги прави и сенките за да се долови вистинскиот лик. Иако на крајот на работниот ден коса има во изобилие, користи многу малку за да го изработи портретот.

„Портретите ги изработувам откако ќе ми заврши работното време. Потребни ми се 3 до 4 часа да изработам еден лик, а откако ќе ги направам, следното утро ги растурам пред да дојдат муштериите. Затоа малкумина ги гледаат во живо, само преку Фејсбук и Инстаграм“, ни рече таа.

Фото: Фејсбук

Scroll to Top