Германија го нема повеќе најмоќниот пасош на светот

Според новата ранг-листа на светските пасоши, германскиот повеќе не е најмоќен на светот.

Моќта на некој пасош се однесува на бројот на држави во кои ќе можете да влезете без виза. Европските пасоши со години биле најмоќни на светот, а меѓу нив долго доминирала Германија.

Но, Германија сега е престигната од Јужна Кореја и Сингапур, а до оваа измена на врвот довеле неодамнешните дипломатски одлуки во светот.

Престигнувањето на Јужна Кореја и Сингапур се случило благодарение на одлуката на Узбекистан да го одобри безвизниот режим за граѓаните на овие две источноазиски земји. Освен тоа, за нивниот ранг придонеле и неодамнешните измени на визната политика во Сомалија.

Со јужнокорејскиот и сингапурскиот пасош сега можете да посетите 162 земји во светот без виза. Со германскиот и јапонскиот можете да посетите 161, а со данскиот, шведскиот, финскиот, италијанскиот, францускиот и со шпанскиот 160 земји.

Србија се наоѓа на 37. место, кое го дели со островската држава Тувала и со Гватемала. Без виза можете да посетите 116 земји.

Македонија се наоѓа веднаш зад неа, на 38. место, кое го дели со земјата Тонга, а без виза може да посетиме 112 земји.

 

 

Scroll to Top