Пандемијата со Ковид-19 ги измени навиките на луѓето и силно удри врз економијата, оставајќи големи последици по многу стопански гранки. За последиците од кризата по осигурителниот сектор, за тоа што во годинава што изминува беше приоритет за граѓаните и компаниите, како и за постигнатите резултати, зборуваме со Славчо Таушанов, извршен директор во Халк Осигурување, компанија која од минатата година е дел од Групацијата Халкбанк.
П: Пандемијата со Ковид-19 удри силно врз економијата. Многу стопански гранки сериозно ја почувствуваа кризата. Како работеше осигурителниот сектор, со оглед дека драстично се намалија патувањата, па со тоа се намали и потребата од полиси за патничко осигурување, како и за зелена карта?
О: Корона кризата немаше силно негативно влијание врз работата на осигурителните компании. Според она што е објавено од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), а се однесува на работењето на секторот во првите три квартали, до крајот на септември годинава приходите од продажба на полиси (бруто полисирана премија) на 11 друштва од фелата на неживотно осигурување, каде е и Халк Осигурување, изнесува 103 милиони евра. Во споредба со истиот период лани тоа е намалување за 6,9 милиони евра. Пандемијата ги измени навиките на луѓето, но можеби во најголема мерка го ограничи нивното движење и патување, кое се одрази во голем обем на премијата на оние класи кои се синоним на патувања, тоа се зелената карта, граничното осигурување, патничкото осигурување, каско осигурувањето, осигурувањата претежно наменети или поврзани со патување. Но, затоа одредени класи на осигурување бележат раст, најмногу заради нивната специфичност во која се огледува ставот и приоритетот на осигурениците кон заштита на нивното здравје и имот. Па соодветно на тоа раст има кај класите здравствено осигурување и осигурување на имот.
П: Како Халк Осигурување работеше во оваа кризна година и кои класи на осигурување беа најпродавани?
О: Ние сме исклучително задоволни од резултатите остварени во 2020 година, иако годината беше кризна. Особено што, за разлика од дел од компаниите кои работат во секторот осигурување кои во оваа тешка година имаат остварено послаби резултати, ние забележавме неверојатен раст од 60%. Дополнително сме задоволни и од причина што нашата осигурителна компанија под брендот Халк Осигурување работи од 2019 година кога Халкбанк стана наш доминантен сопственик. Ако зборуваме за остварените резултати, за деветте месеци Халк Осигурување има остварено бруто полисирана премија од речиси 10 милиони евра. Според податоците на АСО за бруто полисираните премии на компании од секторот неживот, ние сме на 5то место, а истото се однесува и на пазарната концентрација. Халк Осигурување во деветте месеци има склучено речиси 72.000 договори за осигурување. Најпродавани полиси и кај нас, како и во целиот сектор, се оние од автоодговорност и осигурување имот. Кај овие две класи осигурување нашата бруто полисираната премија за првите три квартали е над 7 милиони евра.
Сакам да спомнам дека во овој период кога беше намален човечкиот контакт, ние веднаш пристапивме кон модификација на приодите ориентирани кон клиентите. Па така, за нашите клиенти, корисници на полисата за Доброволно приватно здравствено осигурување, овозможивме бесплатно тестирање од Ковид-19 во која било приватна лабораторија. Истовремено на клиентите им понудивме попусти и зголемување на бројот на рати, меѓу кои и дополнителни 2 месеци на покритието за каско осигурување, што беа и први осигурителни понуди во секторот поврзани со Ковид-19. На овој начин, водејќи се со мотото „Важни се луѓето“ на нашата мајка компанија Халкбанк, покажавме дека треба да бидеме солидарни во вакви тешки времиња. Но истовремено поставивме и норми на осигурителниот пазарот, што потоа како пракса ги следеа и други компании, потврдувајќи дека Халк Осигурување станува „сериозен“ играч на осигурителниот пазар и дека има за цел да стане една од најголемите и највлијателни осигурителни компании во земјата.
П: Халк Осигурување е во целосна сопственост на Халкбанк, еден од најсилните банкарски брендови на македонскиот финансиски пазар. Колку ова помага во работењето, со оглед дека Халкбанк има банкарски производи кои се врзани со осигурителни полиси?
Водејќи се со оваа цел за создавање финансиски супермаркет, дел од вработените на Халкбанк кои се наши лиценцирани застапници, вршат продажба на осигурителни продукти, како оние врзани за кредитното портфолио на Банката, така и на други од портфолиото на Халк Осигурување. Со оглед на распространетата мрежа на филијали, и секако реномето на брендот Халкбанк, ова има секако исклучително значење за нашето успешно работење.
Тоа ќе придонесе и за наш натамошен раст во секторот кредитирање бидејќи банкарските производи на Халкбанк нудат можност за обезбедување на кредитното задолжување со полиси за осигурување од Халк Осигурување.
Оваа поврзаност е од корист за клиентите бидејќи обезбедува сигурност во отплатата на кредитите. Истовремено, во услови кога сé потешко граѓаните можат да обезбедат жиранти, кои најчесто се бараат како гаранти за кредитот, на овој начин тие добиваат многу поголема можност за добивање на потребните средства преку кредит или, пак, можеби за решавање на најважното животно прашање – купување сопствен дом.
Ние сме исклучително задоволни што сме дел од групацијата Халкбанк која е лидер во воведувањето нови услуги на пазарот што и за нас значи поттик да ги следиме сите овие иновации и да воведуваме нови услуги и технологии. Дополнително, тука е и огромното искуство на големата осигурителна компанија Халк Сигорта, која успешно работи повеќе од 60 години на пазарот во Турција. Моделот на работа на Халк Сигорта во Турција почнавме и кај нас да го имплементираме, нормално со соодветните неопходни адаптации согласно приликите на македонскиот пазар на осигурување.
П: Агенцијата за супервизија на осигурување има излезено со податок дека годинава има голем раст кај здравственото осигурување. Оваа услуга ја нуди и Халк Осигурување. Што опфаќа таа и дали сметате дека во иднина ќе расте бројот на склучени договори за доброволно здравствено осигурување?
ДПЗО на Халк Осигурување АД Скопје обезбедува покритие со врвна здравствена заштита на своите клиенти преку покривање на трошоците за здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување. Тоа обезбедува повисок стандард на здравствените услуги кои произлегуваат од задолжителното здравствено осигурување, ги покрива трошоците за здравствените услуги користени во дополнителната дејност, како и за користење на здравствените услуги во здравствени установи надвор од мрежата на здравствени установи во кои се врши здравствена дејност и кај правни лица кои вршат изработка, издавање и сервисирање на ортопедски помагала. Со ова осигурување може да се осигура секое лице со старост до 70 години кое има регулиран престој во Република Северна Македонија и кое врз основа на Закон за задолжително осигурување има статус на осигурено лице со задолжително здравствено осигурување. Осигуреници може да бидат и странски државјани кои не се опфатени со системот на задолжително здравствено осигурување со регулиран престој во земјава.
Полисата, зависно од избраното осигурително покритие, покрива трошоци направени за специјалистички прегледи, дијагностички анализи, хируршки зафати, операции, лекувања, рехабилитација и лекови во приватните здравствени установи преку директна исплата. Во самото покритие на Доброволното приватно здравствено осигурување се вклучени и покритија за хронични болести и состојби како и покритие за пакет породување и трошоци за здравствена заштита на трудница. Осигурувањето може да се склучи како индивидуално, семејно и колективно. Оваа полиса обезбедува најконкурентни покритија по најповолни цени на пазарот за осигурување, кои се креирани согласно потребите и барањата на клиентите. Притоа, сите овие категории осигурување се достапни на целата територија на Северна Македонија, додека покритието кое опфаќа и операции важи и за во Турција.
Интересот за Здравственото осигурување е евидентно дека сé повеќе расте, бидејќи расте и свеста за потребата од што поголема грижа за сопственото здравје, што особено дојде до израз годинава кога се случи пандемијата со Ковид-19.
П: Колку сте задоволни од она што како компанија го направивте за релативно кусиот период откако Халк Осигурување е дел од групацијата Халкбанк?
О: Искрено сме задоволни затоа што во 2019 година успеавме во период од 8 месеци откако почнавме да работиме под брендот Халк Осигурување да направиме вкупен пораст на бруто полисираната премија поголем од 50% споредено со минатата година, а тој тренд продолжи и годинава.
Она што особено нè прави горди е што за ова релативно кусо време успеавме драстично да го подобриме учеството на доброволни осигурувања во нашето портфолио, односно го зголемивме пазарното учество, го подобривме ранкингот на листата компании кои работат во неживотно осигурување, исплативме значително поголем број штети од бројот на пријавени, воведовме нови класи, нови продукти, нови услуги и го почнавме процесот на дигитализација.
Практично, за само 18 месеци успеавме да оствариме неверојатен продор на пазарот и од последно место во категоријата компании од неживотно осигурување да се искачиме на 5то место. Секако, би сакал да истакнам дека сето ова е постигнато благодарение на огромниот вложен труд на мал број вработени кои во релативно кус период паралелно работеа на десетици проекти – од изработка и донесување внатрешни акти, преку лиценцирање, дизајнирање нови производи, дигитализација, систематизација и менаџмент на процеси, до селидба на друштвото во нови простории. И покрај целиот тој енормен обем на работа успеавме да останеме достапни за сите наши клиенти и активно да посетуваме и остваруваме почетни соработки со нови клиенти, што и резултираше со одлични деловни резултати. Постигнатиот успех е практично резултат на посветеноста и вложениот напор на целиот тим кој е убеден и обединет во градењето на успешната приказна на Халк Осигурување. Грижата за вработените се потврдува и со фактот што од неодамна нашата дирекција е преселена во нови простории лоцирани во зградата на Сити Плаза, која сега е целосно во сопственост на Халкбанк.
П: Иако плановите кај сите стопански субјекти за идната 2021 година секако ќе зависат од развојот на ситуацијата со пандемијата, на што ќе биде насочена Халк Осигурување идната година?
О: Стратешката определба на Халк Осигурување е развој на технологијата, иновациите и зголемување на разновидноста на услугите, односно соодветно искористување на придобивките што со себе ги носат „смарт“ технологиите. Еден од главните фокуси во иднина ќе биде развојот на широка палета дигитални сервиси за нашите клиенти. Дел од нив за првпат ќе бидат воведени на македонскиот пазар, а сè со цел на сите наши клиенти да им овозможиме беспрекорно корисничко искуство и задоволство. Во периодот што следува посветено ќе работиме нашите корисници да добијат иновативни решенија и кориснички услуги што ќе го променат начинот на кој досега осигурениците ја имаат искусено соработката со некоја осигурителна компанија. Ние сме македонска компанија во сопственост и со инвестиција на Халкбанк која е моќна банкарска групација и потекнува од голема држава. Нашата цел е да станеме водечка компанија, бидејќи имаме доволно искуство за да можеме да им помагаме на тие кои нѐ следат.
Халк Осигурување како компанија секогаш ќе остане посветена на своите клиенти независно од ризиците со кои се соочуваат понекогаш, преземајќи дел од ризикот на кој се изложени клиентите, што го потврди и во оваа 2020 година. Се надевам дека пандемијата со Ковид-19 што поскоро ќе биде ставена под контрола и дека во 2021 година сите животни текови ќе почнат полека да се враќаат во нормала. Но, искрено сум убеден дека она што се случуваше во годинава што изминува нѐ натера да почнеме да ги препознаваме вистинските вредности, а тие секако се здравјето, семејството, најблиските и домот.