Индија е една од најзагадените земји во светот, пренесува британски Би-би-си. Тамошните власти се загрижени затоа што загадувањето на воздухот достигнало неподносливо ниво. Квалитетот на воздухот во градот Делхи денес достигна до категоријата „опасно“.
Поради неподносливоста на загадениот воздух, денес во главниот град протестираа голем број луѓе, барајќи акција од властите. Тие бараат службите да воспостават долгорочни и одржливи мерки против загадувањето.
„Загрижени сме за нашата иднина и за нашето здравје. Се бориме во име на нашите деца и нивната иднина. Властите се оние кои ја сносат најголемата одговорност за ова што ни се случува“, изјавила една девојка, која учествувала во протестите.
Шефот на градската управа во Делхи ја повика централната власт да помогне во борбата со токсичното загадување. Тој вели дека нивото на опасни честички во воздухот, познати како PM 2,5, е поголемо од нормалното. Школите се затворени, а повеќе од 30 лета се пренасочени. Локалните политичари ја префрлаат вината еден на друг.
Главната причина за загадувањето во оваа време од годината е палењето полиња во руралните подрачја, пишува Би-би-си. Во воздухот се наоѓаат повеќе количини на јаглен-диоксид, азот-диоксид и сулфур-диоксид. Ситуацијата е влошена со огнометот кој беше направен за време на хиндустичкиот фестивал „Дивали“.
Автомобилите и емисијата на гасови од индустриските фабрики исто така придонесуваат за загадувањето. Германската канцеларка Ангела Меркел, која била во посета на Њу Делхи во последните неколку дена, вети помош од една милијарда евра за период од пет години и вложување во еколошки градски превоз во Индија.
Меркел ги повика властите да се борат против загаденоста која годишно предизвикува прерана смрт на неколку стотина илјади луѓе во Индија. Загаденоста на воздухот во 2017 година предизвикала смрт на 1,2 милиони луѓе во земјата, е наведено во една медицинска студија.