Денеска се одбележуваат 57 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година. Силните тресења на зградите скопјани ги почувствуваа раното утро во 5 часот и 17 минути. Земјотресот со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала, целосно го разурна градот.
Во катастрофата загинаа 1.070 луѓе, а преку 4.000 беа повредени. Половина век подоцна старите скопјани и понатаму со тага и многу емоции се сеќаваат на земјотресот. Тие раскажуваат потресни приказни за тоа како го преживеале еден од најстрашните денови во историјата на Скопје.
Дел од нив се запишани во историските книги на градот.
Во едно од сведоштвата се потсетува и еден стар скопјанец кој се присетува на страшната судбина која ја доживеал еден инжнер. Тој вели дека инженерот тоа утро работел на своите трудови кога сè почнало да се урива. Во тоа време семејството на инженерот спиело.
Скопјанецот се присетува дека таткото успеал да ја земе ќерка му од креветот ја завиткал со душекот и постелата и ја фрлил од четвртиот кат.
Еден полковник успеал за момент да го задржи девојчето, но на крајот тоа завршило на асфалтот. За среќа падот не бил толку опасен. Девојчето било повредено, но останало живо. Инженерот, жена му и синот загинале. Зградата се урнала по вториот потрес, раскажува сведококот.
Друго сведоштво говори за војник кој ги вадел мртвите и ранетите од разурнатиот хотел „Македонија“ во центарот на градот. Тој се потсетил како еден ден пред катастрофата неговата мајка пристигнала во посета на Скопје.
„Вечерта побаравме соба за ноќевање на мајка ми во хотелот „Македонија“. Сè беше пополнето. Го молевме портирот од хотелот „Скопје“, но залудно. Некако ја сместив во хотел „Турист“, а јас заминав во касарната. Утрото веднаш по земјотресот нашата единица се симна во градот. Јас бев во екипата за спасување кај хотелот „Македонија“. Извлекував ранети, а и повеќе мртви од урнатините. Бев во бунило. Ги изнесував мртвите надвор, а постојано мислев на мојата мајка. По некое време дознав дека и хотелот „Скопје“ е разурнат. Почнав да плачам, но сè уште влегував во урнатините. Си замислувам како другите војници ја извлекуваат мојата мајка. Дури подоцна разбрав дека „Турист“ не се урнал. Низ солзи, но со уште поголем елан се фрлив врз паднатите ѕидови на хотелот. Плачев и работев“, раскажува војникот.
Тоа кобно утро, од силниот земјотрес се исплашила и 13-годишната ученичка Соња. Раскажува како силниот земјотрес ја разбудил од сон. Скокнала да види што се случува, но прозорецот бил затрупан, горните катови веќе биле урнати. Исплашена, побегнала во аголот и легнала на подот.
Се сокрила меѓу плакарот и каучот. При вториот потрес каучот го задржал таванот од горниот кат и Соња успеала да преживее. Вели дека целата била во грч. Плочата од таванот над била 20 сантиметри. Почнала да бара помош, но од урнатините, не можела да вика многу гласно.
Не била повредена, иако не можела да се помрдне. Извесен период била будна, но потоа заспала. Kога се разбудила, почувствувала жед. Таа се присетува дека грлото ѝ горело, јазикот ѝ бил сув, а устата полна со прав. Во таква положба немала ориентација за време.
Поминале четири дена под рушетините, кога за прв пат слушнала како се копа над неа. Бетонската плоча почнала да се спушта, сè се кршело околу неа.
Се исплашила и почнала да вика со последните сили. Спасителите се изненадиле и се израдувале. Раскажале дека тој ден ваделе само мртви. Прво направиле отвор од каде што ѝ дале вода. Kога ја извлекле од урнатините, ја прашале дали знае колку време била затрупана.
„Мислам неколку часа“ им одговорила Соња, иако под урнатините поминала три дена, три ноќи и пет часа.
Во зграда на улицата Орце Николов, која речиси била срамнета со земја, цели 30 часа спасувачите ваделе само мртви лица. Извадиле 56 тела. Никој не се надевал дека некој може да преживее во урнатините. Но, 30 часа по земјотресот, успеале да сапасат тројца браќа.
Најстариот имал 20 години. Весниците веќе пишувале за него. Во 1962 година, во поплавата во градот тој помогнал да се спасат повеќе од 20 граѓани. Откако биле затрупани, татко му од другата соба му кажал дека мајка му починала. Помалите браќа биле со него во неговата соба.
Тој почнал да копа, да се пробива педа по педа, а неговите браќа лазеле по него. Најпрво копал со раце, а потоа нашол некое железо. По 30 часа постојано копање, видел светлина. Почнал да вика и луѓето надвор го слушнале. Излегле како ништо да не се случило.
Неговите родители за жал ја немале таа среќа. Подоцна ги откопале мртви.
Разорниот земјотрес на 26 јули 1963 година траел 20 секунди. По неколку минути се случил и вториот силен потрес. Според очевидците, втор потрес бил многу посилен и бил причина за големиот број жртви. Многу луѓе останале заробени во објектите по првиот удар.
Но, по вториот се урнале веќе разнишаните згради. Земјата се тресела уште долго.
Се смета дека епицентарот на земјотресот бил околу Злокуќани. Се случил на длабочина помеѓу пет и седум километри и затоа што бил многу плиток, бил и многу разорен.
Земјотресот бил почувствуван на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Во потресот животот го загубија 1.070 луѓе, а над 4.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 стана, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останаа без дом.
Според информациите, тој ден во Скопје се случиле 67 земјотреси, од кои многу биле со магнитуда над 5. На 27 јули имало 22 потреси, на 28 јули – 25, а исто толку имало и на 29 јули. До 26 август, еден месец по првиот земјотрес, во Скопје се случиле 322 земјотреса.