Со манифестацијата „Во чест на Блаже Конески“ на 29 септември во селото Небрегово, Прилепско, Друштвото на писателите на Македонија ќе ја започне кампањата за ревитализација на спомен-куќата на големиот македонски поет, книжевен научник и лингвист.
Средбата во родната куќа на Блаже Конески во Небрегово ќе ја отвори претседателот на ДПМ, Веле Смилевски, а потоа ќе настапат 20 истакнати поети од повеќе генерации. Со своите стихови поетите на ДПМ ќе му оддадат почит на Блаже Конески, првиот претседател на македонската писателска асоцијација, која годинава одбележува 70 години од своето формирање.
Друштвото на писателите на Македонија планира низа активности кои ќе ја реактуализираат првичната идеја спомен-куќата на Блаже Конески во селото Небрегово постојано да пулсира со книжевни средби, симпозиуми, литературни и јазични работилници за творци, љубители на литературата, ученици и за студенти.
Друштвото на писателите на Македонија секоја година ги одржува познатите Денови на Блаже Конески, а по повод неговиот роденден, 19 декември 1921 година. Во рамките на оваа манифестација е и традиционалната Средба на генерациите, на која настапуваат поетите членови на ДПМ.
Друштвото на писателите на Македонија ја установи наградата „Повелба Блаже Конески“. Прв добитник на ова високо признание е поетот и академик Матеја Матевски.