Ким Џонг-ун му ја честиташе на Путин 75-годишнината од победата над фашизмот

Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, денеска испрати честитка до рускиот претседател Владимир Путин, по повод 75-годишнината од победата над фашизмот. Во неа, севернокорејскиот лидер вели дека рускиот народ покажал неспоредливо херојство и несебичност пред 75 години и дека постигана голема победа во војната против фашизмот, пренесува ТАСС.

Севернокорејскиот лидер истакна дека херојските дела на рускиот народ засекогаш ќе останат во сеќавањето на луѓето од сите земји кои ја сакаат правдата и мирот. Ким Џонг-ун додаде и дека односите меѓу двете држави се традиционално пријателски и рече дека тие ќе бидат зајакнати и развиени во согласност со предизвиците на новото време.

Инаку, заради пандемијата со короната, во Русија оваа година не се одржа традиционалната воена парада на Црвениот плоштад во Москва. Наместо тоа, голем број настани ќе се одржат само преку интернет, ќе има воздухопловна демонстрација над 47 руски градови.

Во текот на денот се очекува рускиот претседател Владимир Путин да се обрати пред нацијата и да положи цвеќе пред споменикот на Вечниот пламен.

 

Scroll to Top