Американската компанија „Мајкрософт“ го намали бројот на работни денови во неделата. Таа во едно од своите претставништва во Јапонија, направи експеримент. Вработените имаа само четири работни денови во неделата. Од компанијата велат дека на овој начин вработените се посреќни, а продуктивноста скокнала за 40%.
Експериментот траел пет недели. 2.300 вработени, покрај викендот, имале слободен ден и во петок, пишува „Гардијан“. Експериментот бил спроведен во рамки на проектот под името Work-Life Choise Challenge Summer 2019. Вработените иако имале четири дена во неделата, не добиле помали плати.
Во рамки на програмата, компанијата планирала на секој вработе, да му доплати по 920 долари за годишен одмор.
„Работете пократко, одморете се повеќе и многу учите. Сакам вработените да мислат и искусат дека можат да ги постигнат истите резултати со 20% помалку работно време“, изјавил претседателот и извршниот директор на „Мајкрософт“ во Јапонија, Такуја Хирано.
Освен зголемената продуктивност, искуството покажало дека вработените и помалку отсуствувале од работа, а потрошувачката на енергија се намалила за 23%.
Вработените за 59% го намалиле бројот на испечатени листови. Дури 92% од работниците изјавиле дека повеќе им се допаѓа скратената работна недела. Ова не е првпат една компанија да спроведе експеримент со кратко работно време. Минатата година тоа го направила компанија во Нов Зеланд.
Експериментот траел два месеци, а 240 вработени во тој период работеле четири дена. Вработените истакнале дека биле повеќе сконцентрирани на работа, а се покажало и дека биле помалку под стрес.