Кралицата клекната на вратот на Меган Маркл – сатиричниот магазин „Шарли ебдо“ со нова контроверзна насловна

Францускиот сатиричен магазин „Шарли ебдо“ повторно предизвикал бес во јавноста откако излегол со контроверзна насловна страница на која е прикажана карикатура од кралицата како клечи на вратот на Меган Маркл, пишува британски „Сан“.

Насловот гласел: „Зошто Меган го напушти Бакингем“, а во балончето над Меган пишувало: „Затоа што повеќе не можев да дишам“.

Британски „Сан“ пишува дека „Шарли ебдо“ ја искористил смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд за да им се потсмева на кралицата и на обвинувањата што Меган ги упати на нејзина сметка во шоуто на Опра Винфри.

Меган кај Опра откри дека нејзиниот син Арчи не станал принц затоа што некои од постарите членови во кралското семејство се плашеле дека кога ќе се роди, неговата кожа ќе биде темна.

Ова не е првпат „Шарли ебдо“ да биде обвинет за своите насловни страници. Во 2015 година, поради карикатура и исмевање на исламскиот пророк Мухамед, се случи страшен терористички напад врз редакцијата, во кој загинаа 14 лица.

За потсетување, Флојд беше Афроамериканецот што минатата година беше свирепо убиен од страна на полицаецот Дерек Шовен на ист начин како што е нацртана карикатурата со кралицата и Меган.

Во мај минатата година четири полицајци беа обвинети за неговата смрт. Едниот од нив, Дерек Шовен, го држеше Флојд легнат на земја речиси девет минути.

Го имаше приклештено до земјата. На неговиот врат го стави коленото, а за целото тоа време Флојд викаше дека не може да дише.

 

Scroll to Top