Кулата „Генекс“ во Белград е прогласена за споменик на културата

Станбено-деловната кула „Генекс“, која е едно од модерните обележја на Белград, ќе биде прогласена за споменик на културата, реши српската влада. Објектот во бруталистички стил е работен по нацрт на српскиот архитект Михајло Митровиќ, а е граден од 1970 до 1980 година. Своевремено кулата била највисоката зграда на Балканот.

„Монументалната градба претставува урбан светилник и највпечатлив мотив на Нов Белград, но и визуелен репер на целиот град. Таа е позната и под името Западна порта и за многумина кои доаѓаат по автопатот е знак дека стигнале дома“, вели архитектката Љубица Славковиќ.

Масивната градба, се состои од две кули споени на 26. кат, во што беше меѓу првите на светот, Во времето кога беше изградена, таа беше и првата „паметна“ зграда во Југославија со иновации во системите за климатизација и греење. Приземјето на кулата е украсено со мурали, дело на познатиот српски сликар Лазар Вујаклија. На зградата беше поставен и првиот дисплеј часовник, на кој можеше да се прочитаат времето, датумот и температурата.

Зградата своевремено беше седиште на најголемата југословенска фирма „Генекс“, со кружен панорамски ресторан на врвот, кој од 1999 е затворен и недостапен.

Scroll to Top