Со спектакуларниот балетски концерт „Големиот Чајковски“ вчеравечер на Антички театар се одржа свеченото отворање на 61. Охридско лето. Гламурот и елеганцијата под отвореното небо на Охрид беа дополнети со одличната балетска претстава на Националната опера и балет.
Публиката не го криеше воодушевувањето и со долг аплауз и овации ги поздрави сите деведесет уметници што се појавија на сцената на реномираниот фестивал.
Балетските првенци Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васили Чичиашвили и Бобан Ковачевски, во придружба на солистите, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, ја изведоа балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“.
Вечерта почна со интонирањето на фестивалската химна и палењето на фестивалскиот оган, по што претседателот Стево Пендаровски, кој е покровител на фестивалот, го прогласи годинашното Охридско лето за отворено.
Пред публиката на Антички се обрати и министерката за култура, Ирена Стефоска.
„Ниту Охрид може без Охридско лето, ниту Охридско лето може без Охрид. Магијата е заемна исто како што е магичен и целиот регион. Летата во Охрид почнуваат и завршувааат со Охридско лето. Сѐ пред тоа и сѐ потоа е само лето“, рече таа.
На годинашното Охридско лето, што ќе трае до 20 август, ќе настапат околу 500 врвни уметници од 18 земји од светот, со концерти, поетски читања и театарски претстави.