Владетелот на Дубаи, шеикот Мохамед бин Рашид ал-Мактoум, мора да ѝ исплати на својата поранешна сопруга, принцезата Хаја, како и на нивните две деца, отштета за разводот во висина над половина милијарда фунти. Ова е највисоката сума што некогаш е доделена од страна на британскиот суд, пишува „Гардијан”.
Во судската одлука е наведено дека главната закана кон Хаја и нејзините доаѓа од шеикот Мохамед, кој е и премиер на Обединетите Арапски Емирати. Затоа судот издаде наредба егзистенцијата на Хаја да се плаќа однапред, а не годишно, бидејќи во спротивно би настанала ситуација во која поранешниот сопруг би имал интерес да ги намали плаќањата и да ја ослаби нејзината заштита од него.
Најпрвин тој мора да ѝ исплати 210 милиони фунти во рок од три месеци за покривање на безбедносните трошоци на Хаја до крајот на нејзиниот живот и нејзините деца додека не го завршат високото образование. Потоа, на поранешната сопруга мора однапред да ѝ исплати 41,5 милион за образование и заостанати плати, како и 5,6 милиони фунти годишно за секое дете за да ги издржува додека не дипломираат. Вклучувајќи ги и другите трошоци, договорот може да достигне 554 милиони фунти иако износот може да варира во зависност од тоа колку долго траат годишните исплати.
Хаја побегна во Велика Британија во април 2019 година заедно со нивните две деца. По серијата сослушувања, кои чинеа повеќе од 70 милиони фунти судски такси, судиите на Врховниот суд утврдија дека шеикот Мохамед го организирал киднапирањето на другите две негови деца, принцезата Латифа и принцезата Шамса, и ја подложил Хаја на заплашување.
„Користејќи го шпионскиот софтвер ‘Пегасус’ на израелската ‘НСО груп’, тој им ги хакирал телефоните на Хаја и на петмина нејзини соработници, меѓу кои и двајца нејзини адвокати. Неговите агенти се обиделе да купат замок во вредност од 30 милиони фунти веднаш до домот на Хаја во Беркшир, што претставувало многу сериозна закана за нејзината безбедност“, наведе судот.
Портпаролот на шеикот Мохамед изјави дека тој секогаш се грижил неговите деца да бидат обезбедени. Судот веќе донесе одлука за финансиското прашање и тој нема намера дополнително да коментира. Шеикот само бара од медиумите да ја почитуваат приватноста на неговите деца.