Лица со попреченост ќе пеат на гала вечер во Струмица: „Заедно можеме да поместиме планини“

Десеттина лица со попреченост ќе пеат на гала вечерта што ќе се одржи на 16 февруари во хотелот „Вила парк“ во Струмица. Ова е првпат лицата со попреченост од Македонија да бидат вклучени во ваков музички настан. Нив ќе ги придружуваат искусни музичари, членови на музички групи од Струмица и професори по музичко воспитување.

„Секогаш кога се работи за организирање настани во кои се вклучени лица со попреченост наидуваме на големо разбирање од општествено одговорни лица и фирми. Преку овие настани испраќаме порака дека сите можеме и умееме и дека заедно можеме планини да поместиме. И да ви кажам искрено, имаме голема поддршка од сите и голема заинтересираност да бидат присутни на настаните што зрачат со позитивна енергија и љубов“, рече за „Репортер“ Анче Туфекчиева од здружението „Вера“.

Гала вечерта, под мотото „Вера, надеж, љубов, музика“, ја организира здружението на граѓани за помош и поддршка на лица со даунов синдром Вера од Струмица и ЗЛТИ Мобилност од Струмица. Тие испратија отворен повик до сите лица со попреченост од целата земја што сакаат да учествуваат на манифестацијата.

Влезниците за гала настанот се продаваат по цена од 100 денари.

Не е првпат здружението „Вера“ да организира настан од овој вид. Тие неколку години по ред организираат хуманитарна модна ревија во која се вклучени и лицата со попреченост.

(А.Ј)

Scroll to Top