Археолозите и архитектите отсекогаш се прашувале зошто Инките решиле да го градат својот свет град Мачу Пикчу на теренот на денешниот Перу, на прилично тежок и оддалечен терен – на 2.350 метри надморска височина.
Древниот град во Андите повторно се отвора по затворањето поради пандемијата на коронавирусот. Перуанските власти организираа ритуал на Инките за да им се заблагодарат на боговите откога најголемата туристичка атракција во земјата повторно почна да прима туристи.
„Тврдината на средновековните Инки, Мачу Пикчу, беше затворена поради епидемијата на коронавирусот, а ќе биде повторно отворена за туристи од денеска, иако со ограничен број посетители. Ќе ја отвориме тврдината на 1 март, но дневно ќе може да влегуваат само 897 луѓе, со строги мерки против пандемијата на коронавирусот“, изјави претставник на перуанското Министерство за култура.
Археолошкото наоѓалиште претходно, на 2 ноември, беше отворено за посетителите по осум месеци изолација поради корона-пандемијата. Но, повторно беше затворено на 31 јануари од истата причина. Мачу Пикчу, што на кечуански јазик значи Стара Планина, е изградена за време на владеењето на царот Пачакути (1438-1471) и се наоѓа на околу 100 километри од Куско, древната престолнина на царството на Инките во југоисточен Перу. Местото е откриено 1911 година од страна на американскиот истражувач Хајрам Бингам, а во 1983 година е ставено на списокот на Светското културно наследство на Организацијата за образование, култура и наука при Обединетите нации (УНЕСКО).
Градот има речиси двесте градби сместени на терасите и уредени околу голем централен плоштад. Поделен е во тесни и издолжени четврти, а постојат и тераси надвор од населеното подрачје, кои имаат канали за наводнување. Ѕидовите на Мачу Пикчу се изградени од оријски блокови од камен. Оваа информација е прилично фасцинантна имајќи предвид дека тогаш Инките не знаеле за тркало или железни алати, а анализите откриле дека блоковите се совршено пресечени во каменоломите и дека завршната обработка е направена на самата локација.
Археолозите денес тврдат дека Мачу Пикчу не бил град во класична смисла затоа што не биле пронајдени остатоци од бирократска администрација, трговија или воени утврдувања. Веројатно бил изграден како империјален имот или верско прибежиште или како таен церемонијален град.
Сè уште е мистерија дали е напуштен уште пред Шпанците да ги освојат Инките или, пак, жителите биле покосени од сифилис, кој пристигнал од Европа.
Од 7 јули 2007 година Мачу Пикчу е едно од новите седум светски чуда.