Од синоќа на територијата на цела Македонија има силни врнежи од снег кои формираа снежна покривка. Најмногу снег и најстудено беше во Маврово, каде што снежната покривка достигна седум сантиметри и се измерени -6 степени.
Во текот на целиот ден времето во Македонија е облачно и студено со повремени врнежи од снег, а во јужните делови врнежите се претежно од дожд. Дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец.
И до крајот на денот ќе биде облачно и студено со повремени врнежи од снег, во јужните делови од дожд и снег, а во крајниот југоисточен дел ќе има дожд. На повеќе места врнежите ќе бидат пообилни и ќе наврнат над 15 литри на квадратен метар. Во поголем дел од државава ќе се формира снежна покривка, а на планините таа значително ќе се зголеми.
Максималната температура денеска во земјата ќе достигне од 1 до 6 степени.
Во Скопје ќе биде облачно со врнежи од снег и со слаб до умерен ветер од североисточен правец правец. Температурата ќе достигне до 2 степена.
Освен денеска, од УХМР најавуваат врнежи од снег и во следните денови. В петок сè уште ќе има повремени врнежи од дожд и снег, но ќе престанат кон крајот на денот.
В сабота ќе биде променливо облачно со слаб снег. В сабота и в недела во утринските часови на повеќе места температурите ќе бидат под и околу нулата, во интервал од -4 до 1 степен.
Постепено затоплување ќе има од недела во текот на денот кога ќе има локални врнежи претежно од дожд.