Македонки најдобри во ритмичка гимнастика

Македонките Илина и Ева Соколовски, кои со семејството живеат во Германија, уште еднаш со злато го потврдија својот талент. Најпрво малата Ева (8) викендот настапуваше на републички натпревар по ритмичка гимнастика, кој се одржа во градот Гитерсфлок, и го освои првото место.

„Ева на само осум години стана првак во својата категорија. На натпреварот во ритмичка гимнастика повторно го освои првото место со 24,417 поени. Ева има осум години и е без кон куренција во својата категорија. Таа има голема помош од сестра ѝ Илина. Ева досега имаше пет натпревари и на сите пет го освои  првото место. Таа навистина е голем талент во класа на деца до осум години“, вели нејзиниот татко Горан Соколовски.

Постарата сестра, Илина, која има 11 години, а поради големиот талент се натпреварува со деца од 13,  со своите способности веќе ги помина границите на Германија, каде  беше неколкукратен првак иако се натпреваруваше со македонски пасош. Илина наскоро заминува за Украина, каде како голем талент ќе се натпреварува.

-Илина, како голем талент, на еден од натпреварите ја забележаа експерти од Русија и ја поканија во Украина на 20 мај. Во градот Каркив ќе се одржи голем пријателски натпревар на талентирани деца во ритмичка гимнастика, а Илина ќе учествува како талент од Германија. Овој натпревар воедно ќе им биде подготовка за големото државно првенство. Иако има 11 години, Илина веќе се натпреварува со деца кои се во категорија од 13 години“, вели Горан.

Scroll to Top