Четворица средношколци од Македонија си заминаа од третата Балканска олимпијада по физика со медал, што за нив претставува најголемиот успех досега. Натпреварот се одржуваше од 24 септември до 2 октомври,
Сребрен медал добија Јан Стојановски (втора година во ПСУ „Јахја Кемал“ од Скопје) и Мајкл Георгиевски (трета година во гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци, додека бронзата им припадна на Емилија Николовска (втора година во Математичко-информатичката гимназија од Скопје) и Сандра Недановска (трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ од Скопје).
Вкупно 57 учесници од 15 држави земаа учество на натпреварот. Покрај физичарите од Македонија, учествуваа средношколци и од: Србија, Црна Гора, Грција, Кипар, Турција, Романија, Бугарија, Албанија, Молдавија, БиХ, Словенија, Туркменистан, Казахстан и Иран.
Поради ситуацијата со пандемијата, Олимпијадата се одржа на дистанца.
Друштвото на физичари на Македонија и Институтот за физика при Природно-математички факултет во Скопје, се јавија во улога на локални организатори.