Македонските уметници ја обоија ситуацијата во розово: изложба на Сашо Н. Алушевски на Скопско лето

Вчеравечер во салонот на Културно информативниот центар (КИЦ), во склоп на Скопско лето, се одржа изложба на фотографот Сашо Н. Алушевски под името „Ситуацијата е розова“. Изложбата содржеше портрети на македонски уметници, меѓу кои и оперската двојка Ана и Игор Дурловски.

Фотографиите кои беа изложени се настанати во различни контексти.

„Поставката ми се допаѓа, оваа изложба и претходно беше изложена, тогаш делумно, сега е надополнета со нови фотографии. Целта е да фотографирам што е можно повеќе македонски уметници и повремено да ги изложувам. Имаше претходно изложба во КСП Центар -Јадро лани во ноември. Овде сум позадоволен, почнувајќи од самиот простор кој е доста поинаков, од изложените понови фотографиите, како и поради салата која е убаво опремена, благодарение на Скопско лето и на КИЦ. Исто така сум задоволен и од посетеноста, поприлично. Многу луѓе кои не ги познавам ми приоѓаат и ме прашуваат. Супер е, делува на суета“, вели Алушевски за „Репортер“.

На прашањето зошто токму уметниците се главната инспирација за вчерашната изложба, Алушевски вели дека се дружи со луѓето и сака да ги портретира.

„Во еден момент сфатив дека имам доволно портрети за да продолжам. И тоа ми е добар начин, па оние што не ги знам, а ги почитувам, да ги намамам, да ги запознаам и видам кои се и какви се“, вели тој.

Тој додава дека од фотографираните уметници побарал да го искажат својот став кон уметноста, сопственото гледиште, нивното гледиште на статусот на уметникот во нашето општество, важноста на културата итн.

Фотографиите се направени од на мокар колодиумски процес – фотографска техника од средината на XIX век со која, поради својата тежина и специфичност, се занимаваат само мал број врни уменици низ светот. Се смета за една од најблагодарните фотографски техники, како во однос на нејзината специфична естетика, така и во однос на квалитетот и трајноста на самите фотографии.

Алушевски е првиот македонски фотограф кој се занимавал со ваков вид на фотографија.

На прашањето зошто токму таа стара технологија и што го привлекува најмногу кај неа, тој вели дека има доста нешта.

„Кога ќе дојдете да ја видите оригиналната фотографија која што е на стакло и ќе сфатите зошто. Премногу живи изгледаат фотографиите. Овие принтови се 10% од оригиналната фотографија, но тие ќе ги изложам кога мислам дека ќе ми здосади од циклусов и кога ќе завршам сè што сум сакал да испосликам од уметници“, вели тој.

Неминовна беше темата за пандемијата, а Алушевски вели дека за време на карантинот луѓето сфатиле дека им требаат културни содржини. Иако голем дел се закачија на „Нетфликс“, сепак многумина отворија и еден куп сајтови и платформи, каде можеа бесплатно да видат некој музеј, како и некои културни содржини.

Марија Прличкова

Scroll to Top