Ман На Ло и Чен Јунг Ли во тајванската престолнина Тајпеја имаат простор каде што своите клиенти ги масираат со ножеви. Покрај разновидните лековити билки и препарати, кои може да ги најдете на кое било место во овој град, сега има место каде што муштериите се „третираат“ со челични остри предмети.
Оние кои се помалку упатени во ваквата постапка на масери кои ги тапкаат муштериите со месарски ножеви по грбот и целото тело, веројатно, не би се чувствувале баш најдобро.
Масажата со ножеви е позната и како „dai liao“, и подразбира масерите, место раце, да користат ножеви и на тој начин да го насочуваат протокот на позитивна и негативна енергија од кожата на оној кој го масираат.
Иако тоа не изгледа баш така, ножевите не се наострени како оние кои се користат во месарница.
Но, и покрај тоа, овој третман не е за секого.
„Она што ние го правиме тука не е религија. Не е ни наука. Нашата вештина е во врска со енергијата. Таа им помага на луѓето да го пронајдат својот позитивен ‘чи’ и да допрат до својата душа“, вели Хсиао Меи Фонг, сопственичка на Едукативниот терапевтски центар „Древна уметност со терапија на ножеви“ од Тајпеј.
Таа вели дека иако оваа терапија на набљудувачите може да им изгледа како нешто насилно, всушност истата ја враќа енергијата стимулирајќи ја циркулацијата и враќајќи го балансот во телото. Цената на третманот изнесува околу 40 долари, а муштериите можат да бидат од бебиња до стогодишни старци.
Ова е продолжување на традиција стара повеќе од 2000 години, која ја почнале будистичките монаси. Иако настанала во Кина, таму од непознати причини исчезнала. Се одржува во Тајван, а експертите во последните децении многу често ја поврзуваат со популарната акупунктура.