Непознат маж минатата ноќ успеал да влезе во Бакингамската палата додека кралицата Елизабета Втора спиела, пишуваат британските медиуми. Тие додаваат дека ова е огромен пропуст во обезбедувањето на кралицата. Според информациите, 22-годоишниот маж ја прескокнал оградата, стигнал до палатата и почнал да чука на влезната врата, барајќи ја кралицата. На полицијата што се наоѓала на имотот ѝ требале 4 минути да го совлада мажот, бидејќи се обидувале да утврдат дали е вооружен. Тие велат дека упадот на мажот не е поврзан со терористички чин.
„Мажот успеал да влезе внатре додека кралицата спиела. Се движел слободно неколку минути, чукал по вратата, но таа била заклучена. Сигурно знаеше дека кралицата е таму, бидејќи пред палатата се виореше знамето. На сите ни олесна што не успеал да влезе внатре“, рекол за „Сан“ анонимен извор од палатата.
Според весникот, во времето на инцидентот, кралицата била сама на имотот, зашто моментално се извршуваат поправки во палатата и таа се чисти од стаорци.
„Сан“ пишува и дека полицијата се сомнева дека мажот сакал да го копира Мајкл Фаган кој пред 37 години успеал да влезе во спалната соба на кралицата Елизабета.
„Мажот влезе на имотот скоро на ист ден како пред 37 години кога тоа го стори Мајкл Фаган. Се верува дека тој сакал да го стори истото. Полицијата го одведе во притвор каде што ќе мора да објасни како влегол и како успеал толку долго да се задржи внатре. И, како е можно некој да успее да ја прескокне оградата и да стапне на имотот пред некој да го спречи? Што е со сензорите и безбедносните камери? Безбедноста на кралицата би требала да биде на прво место,“ рекол истиот извор.
Низ годините обезбедувањето во Бакингамската палата неколкупати се соочило со слични ситуации. Нејпознатиот настан се случил на 9 јули 1982 година во 07:15 часот наутро, кога Мајкл Фаган го прекскокнал ѕидот и влегол во собата на британската кралица Елизабета Втора.
Фаган тогаш скршил голема стаклена чинија и се заканил дека ќе си ги пресече вените, а додека го правел тоа седел на работ од креветот на кралицата. Тогаш на кралицата ѝ помогнал долгогодишниот соработник Пол Вајбру – додека ги враќал од прошетка нејзините кучиња, слушнал дека таа довикува некого. Во собата го видел Фаган, почнал да разговара со него, па му понудил пијалак и кога тој малку се опуштил, успеал да го онеспособи и истурка надвор од собата на кралицата. Тој бил уапсен, а подоцна било утврдено дека има шизофренија.