Метеорит падна врз кревет на жена додека спиела во нејзиниот дом во Канада

Метеорит со големина на тупаница го пробил покривот во куќата на Рут Хамилтон од Канада и паднал врз нејзиниот кревет додека таа спиела. Рут за канадските медиуми вели дека никогаш претходно не била толку исплашена.

Хамилтон спиела во својот дом во Голден, мал град во подножјето на Карпестите Планини во Британска Колумбија, кога ја разбудило лаење на куче, и таа станала да види што се случува во моментот кога метеоритот го пробил покривот и паднал врз перницата каде што била нејзината глава.

„Не знаев што да правам, имав дупка во покривот, па повикав полиција. И додека разговарав со операторот, ја отстранив перницата и видов камен помеѓу двете перници“, рекла Рут за локалните медиуми.

Таа прво мислела дека каменот е фрлен од градилиштето во близина, но кога полицијата го испитала случајот, работниците од градилиштето им рекле дека не направиле ништо, но дека виделе експлозија на небото. По ова било утврдено дека каменот е всушност метеорит, бидејќи имало метеорски дожд на небото над западна Канада.

„Бев во целосен шок и се тресев со часови. Шансата тоа да се случи е мала и многу сум благодарна што останав жива“, додала Рут, која планира да го зачува метеоритот како спомен.

Scroll to Top